Општина Македонски Брод им соопштува на граѓаните дека манифестацијата „Фестивал на костенот“ 2024, ќе се одржи во деновите 25 и 26.10.2024 година. Предвидено е манифестацијата да започне на 25.10.2024 година со почеток во 20:00 часот, со музичка изведба на нашите музичари Кико и Соци, потоа следува настап на Даниел Крстески, а по него групата „Инструментал“, музичката вечер ќе ја круниса со настап нашата музичка звезда Ламбе Алабакоски.
На 26.10.2024 година со почеток во 10:30 часот, предвидена е изложба „Златен костен“, која ќе се одржи во Домот на култура „Македонски Брод“, потоа следува дефиле до градскиот плоштад, а во 11:30 часот, предвидено е да започне богата културно-уметничка програма со учество на културно-уметнички друштва, групата „Кале“ и Никола Андрески.
Филмско прикажување „Смолата - традиција и лек“
Прикажување на снимен материјал по проект одобрен од Министерство за култура и туризам за 2024 год. од теренско истражување во с.Требовле за смоларењето како занает.
Смоларењето како занает се споменува уште во времето на Галско-Римските војни. Во Поречкиот регион е најкарактеристично за жителите на селото Требовље. Голем број на жители на Требовље, работеле во фабриката за терпентин и калофон „Капина“ сместена во истоимената месност во атарот на селото Здуње. Во фабриката или на „белење“ на бор работеле 23 работници.
Смолата се исцедува од стеблата на црниот бор на тој начин што се прави засек – „жива рана“. Со специјален алат се лупи кората на површина од околу две дланки сè до белата дрвна маса. Потоа со смоларска секира, во облик на кука, попречно се прави прорез до сржта на стеблото во форма на кружен полумесец, се става парче лим во форма на чешмиче, а под него клинец на кој се прицврствува печено земјано лонче во кое се собира смолата.
За да се наполни еден сад со смола од 250 грама потребни се петнаесетина дена. Кога смолата ќе прекипи, смоларите организирале акции за нејзино истресување во специјални канти. Со посебна лажица смолата се собира во канти, кои потоа се товараат на коњи и се носат на преработка во фабрика. Постои таканарачена германска метода на смоларење, со која стеблото се ранува со надолжни сечења на кората, и француска метода со која кората се реже попречно во етапи.
Се смоларело од март до октомври. Од смолата се произведува карактеристична течност наречена нефт која се употребува како народен лек за лекување на ревматски заболувања, рани и слично. Од остатоците на боровите дрвја се произведува катран којшто, исто така, според народното уверување, има лековити својства.
Општинската установа Дом на култура “Македонски Брод” го организира и развива културното живеење и творење, овозможува уметничко и креативно изразување, потикнува интеркултурни иницијативи, работи на афирмација на културните различности, се грижи за културниот развој и афирмација на творештвото, создава простор за нови културни и уметнички вредности низ комуникација со граѓаните и нивна партиципација преку најразлични уметнички форми.
Во својата работа Домот ги вклучува творците-уметници кои ќе бидат интегрирани како креативна сила во промоција на културните случувања и ќе бидат клучен елемент за создавање на културни и уметнички богатства и ресурси.